Амазонската прашума е на пат да стане савана

Интензитетот на уништување на шумите на бразилската Амазонска прашума е толку голема што  се смета дека во една минута се уништува област со големина како три фудбалски игралишта, тренд со кој шумата полека но сигурно се претвора во савана.

Големиот пораст на сечата на шумите, што се случи во мај и јуни оваа година, потврдува дека претседателот Жаир Болсонаро дал зелено светло за нелегалното искористување на земјиштето, сечата и палењето на околината.

Според информациите од сателитскиот систем Детер Б, кој започнал со работа во 2015 година, во јули се пресечени 1,345 квадратни километри бразилска Амазонска шума, што е за третина повеќе од тоа што било пресечено во јуни.

Иако до крајот на овој месец има уште само неколку дена, се претпоставува дека степенот на уништување на Амазон е толкав што ова ќе биде прв месец во последните неколку години, Бразил да изгуби површина од прашумата колку подрачјето на Лондон.

Постојаното намалување на прашумската област ѝсе заканува на глобалната стабилизација на климата. Ако се продолжи со ова темпо, прашумите може да се претворат во савана, со што ќе се намали способноста за апсорпција на јаглерод, што би можело да го забрза глобалното затоплување.

Во првите седум месеци на власт Болсонаро им даде силна поддршка на земјоделските и рударските компании, истовремено намалувајќи ја надлежноста на владините агенции одговорни за заштита на шумите и животната средина.

Така, Агенцијата за заштита на животната средина е ставена под надзор на Министерството за земјоделство,  на чие чело е лидерот на земјоделското лоби.

Претседателот и другите министри во повеќе наврати ја критикуваа Агенцијата за надзор на шумите Ибаму заради изрекување парични казни за нелегална сеча, а владата презеде чекори за да ја ослаби заштитата на шумските резервати и автохтони области.