Американските астронаути донеле 382 килограми камења од Месечината

Во шест Аполо мисии од 1969. до 1972. година американските астронаути на Земјата се вратиле со вкупно  382 килограми камења од површината на Месечината. Камењата се сиви, безлични но за научникот на НАСА Семуел Лоренс тие преставуваат најдрагоцените предмети на Земјата.

“Повеќето луѓе незнаат колку овие предмети се значајни за науката. Камењата кои се донесени од астронаутите од мисијата Аполо 11 на чело со Нил Армстронг пред 50 години, го променија нашето знаење за вселената. Многу од нашите спознанија за Месечината, Меркур, Марс и некои астероиди се директно поврзани со резултатите од испитувањата на овие камења„ вели Лоренс.

Проучувајќи ги примероците, научниците сфатиле како настанала Месечината, пред околу 4,3 до 4,4 милијарди години, во исто време кога и Земјата. Утврдено е дека и Месечината е со иста структура како Земјата, односно има кора, обвивка и јадро.

Неколку парчиња лунарни камења се изложени во Џонсон вселенскиот центар во Хјустон, каде секоја година доаѓаат да ги видат стотици илјади посетители. Најголемиот дел од нив се чуваат во лабараторијата на НАСА во Хјустон, во посебни сефови отпорни на природни катастрофи.

Според Лоренс, научниците и педесет години подоцна црпат знаење од нив. Камењата се немаат променето, но нивната способност да ги анализираат еволуира, паралелно со технологијата и лабараториската опрема.

Поранешниот претседател Ричард Никсон поклонил по еден камен од Месечината на сите држави во светот, односно 135 колку што биле тогаш.

Сегашниот претседател Доналд Трамп постави цел, САД да се вратат на Месечината по нови откритија најдоцна до 2024 година.