АРМ влезе во ОХИС, излеани се 6 тона вода со која се миела опасна хемикалија

Се излеале 6 тони вода при миење цистерна во која требало да биде транспортирана опасната хемикалија метил акрилат мономер. Овој опасен отров требало да биде изнесен надвор од државата како отпад. При миењето пукнала цевка во дворот на поранешната фабрика ОХИС и на тој начин се излеале 6 тони вода со елементи на опасната хемикалија. Ова се првите официјални информации за попладневната сериозна хаварија од инспекцискиските служби за заштита на животната средина.

Фирмата „Екоцентар 97“ го добила тендерот за транспорт на опасниот отпад во Швајцарија на преработка.

Течноста се излеала во бетонската када на отворен простор. Во околината на ОХИС веќе се чувствува непријатна миризба. Допрва ќе се утврдува колкава е загаденоста на водата со метил акрилат мономер.

Во кругот на ОХИС присутна е и полицијата каде и инцидентот бил првично пријавен од граѓани кои ја почувствуале непријатната миризба и печење во грлото и очите. Повикана е и Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана на АРМ.

На терен се и инспектори на општина Кисела Вода, град Скопје и од Државниот инспекторат за животна средина и екипа на Министерството за внатрешни работи.