Вучиќ: Србија немаше да биде бомбардирана доколку Путин беше претседател во 1999 година (видео)

Српскиот претседател Александар Вучиќ по денешната средба со рускиот претседател Владимир Путин оцени дека односите меѓу двете држави се одлични и дека Србија смета на поддршката на Русија во сите меѓународни организации, како што може и Русија на српската поддршка во нив.

Вучиќ пред новинарите во Сочи, по средбата со Путин, изјави дека Србија не гласала за ниту еден меѓународен акт кој бил против Русија.

Тој рече дека луѓето во Србија „повеќе го ценат Путин отколку што ги ценеле некои поранешни руски лидери“.

Вучиќ рече дека Србија „немаше да биде бомбардирана во 1999 година ако Путин во тоа време беше на власт во Русија“.

„Ги пренесов очекувањата за прашањето на преговорите со албанската страна имајќи ги во предвид нивните најави“, рече Вучиќ, осврнувајќи се на состанокот во Сочи, додавајќи дека албанската страна „се обидува да заработи само признание, а Србија да не добие ништо“.

Тој оцени дека трговската соработка меѓу двете земји расте и додаде дека добил уверување од Путин дека Србија ќе може да купи дополнителни количини гас без оглед на разговорите меѓу Русија и Украина.

На заедничката прес-конференција во Сочи, Вучиќ му се заблагодари на Путин за постојаната и недвосмислена поддршка за Србија и српскиот народ.

Тој рече дека очекува Путин следната година да присуствува на церемонијата по повод завршувањето на работите на Храмот Свети Сава.

„Се надевам дека следната година ќе биде во Србија и заедно со нас да го отвориме Храмот Свети Сава, еден од најважните и најголемите православни храмови во светот“, рече Вучиќ.

Loading...