Дедо Љубе доби ослободителна пресуда за убиството во самоодбрана на разбојникот што се иживуваше со него и сопругата

Љубомир Митев (79) од Којково, на јавноста познат како дедо Љубе, ослободен е од обвинението за убиство и ранување на напаѓачите во неговиот дом во кратовското село. Дедо Љубе, доби две години условна казна да не го повтори делото за 4 години, за нелегално поседување оружје, одлучил Кумановскиот суд, а соопшти неговиот адвокат.

„Задоволен сум од пресудата и истата нема да ја обжалиме. Ова е голема победа во име на правдата по 6 годишна правна битка“- изјави адвокатот Христијан Георгиевски.

Разбојништвото се случи на 27 февруари 2013 во нивната трошна куќа во планинското село Којково, кога двајцата натрапници Зоран Златков (28) и го ранил Борчо Иванов (30), насилно влегле во нивниот дом и го нападнале. На дедо Љубе му ставиле најлон во уста го турнале на земја и го тепале, а потоа го врзале со јаже за столче, додека неподвижната сопруга ја покриле со ќебе и ја малтретирале. Кога отишле во другата соба да ги бараат парите, тој го искористил нивното невнимание и се одврзал. Заминал во подрумот и ја земал ловечката пушка од која пукал, при што е убиен Златков, а ранет Иванов. Разбојникот Иванов кој преживеа е осуден на 8 години затвор.

Судењето на Љубе се развлече, бидејќи во април 2015 по барање на неговите адвокати, поради одредени пропусти обвинението беше укинато и предметот се врати во истражна постапка. Тој беше обвинет за три кривични дела: убиство во миг, убиство во обид и недозволено поседување на оружје.

ОЈО Куманово го повлече обвинението за кривично дело „убиство во миг“, па во Основниот суд Куманово му се судеше за кривичните дела обид за убиство и недозволено држење на оружје.

Јавноста во текот на целото судење бараше ослободителна пресуда за дедо Љубе, бидејќи насилниците го нападнале во неговиот дом, па тој пукал во самоодбрана за да се спаси.