Дизајнерот на “Apple Stores” предлага стаклена “Notre-Dame”

Неполни два месеца по стравичниот пожар во кој изгоре голем дел од католичката катедрала, во Париз не престануваат да се кршат копјата како треба да изгледа конечниот продукт на најавената реставрација. Големи критики добива францускиот претседател Емануел Макрон, поради најавата дека ќе вметне свој печат со некои модерни дизајнерски решенија. За традиционалистите тоа е недозволиво и еднакво на “богохулие”.

Макрон распиша еден вид на натпревар на кој дизајнерите треба да ги понудат своите идеи како би требало да изгледа редизајнот. Досега видовме еден интересен предлог од француската компанија Vincent Callebaut Architectures, а сега следува друг интересен редизајн од компанијата Eight Inc., кој замислува обнова на кулата и на покривот со стакло.

Eight Inc. предлага покривот и едната кула на Нотр Дам да се реновираат целосно од стакло. Сите декоративни елементи, вклучувајќи ги и статуите, ќе бидат вратени, а ноќе ќе биде целосно осветлено. Компанијата која го предлага ова е дизајнер на оригиналните продавници на Apple Stores и сака структурата целосно да биде од стакло за да не се наруши ефектот на прозрачност.

Градежното стакло нема да може да се уништи од насилници кои фрлаат камења, нема да го уништи град, иако ќе биде предизвик големата тежина. Дури и ако архитектите одлучат да направат план за оваа градба, не е познато каква форма ќе има новата Нотр Дам.