Дубровник воведува петгодишна забрана за отворање нови ресторани

Градот Дубровник воведува петгодишна забрана за отворање нови ресторани, потврди градоначалникот, Мато Франковиќ.

По ограничувањето на бројот на крузери во пристаништето на два дневно во текот на сезоната и намалувањето на бројот на маси на терасите на рестораните и кафулињата за 20 проценти, новиот обид за справување со масовниот туризам во Дубровник доаѓа во форма на градска одлука дека никој нема да може да постави нови маси и столчиња на јавна површина во наредните пет години.

Според Франковиќ, одлуката во моментов е во фаза на консултации и треба да биде изгласана во декември.

Забраната за поставување нови маси на отворено, сепак, не ја исклучува можноста угостителот кој отвора нов ресторан да постави маси внатре во локалот. Сепак, Франковиќ наведува дека просторот меѓу ѕидините на Стариот град е крајно ограничен и дека 99 проценти од сите ресторани работат исклучиво со маси што се поставени на отворено.

„Секој што сака да постави нови маси на јавен простор во Стариот град нема да може да го стори тоа следните пет години, и практично тоа всушност ќе значи забрана за отворање нови ресторани. Покрај тоа, решивме дека просторот на постојните ресторани, кои ќе бидат затворени во овој период, нема да биде доделуван на нови сопственици“, рекол Франковиќ.

Анте Власиќ, претседател на Здружението на угостители во Дубровник, смета дека забраната за отворање нови ресторани не е лоша привремена мерка.

Loading...