Ердоган: „Во Турција во последните 17 години засадени се 4,5 милијарди садници“

„Ние ѝ припаѓаме на цивилизацијата која од нас бара да засадиме садница дури и кога гледаме да настапува Судниот ден“, рече Ердоган.

АНКАРА (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган истакна дека со засадување милиони садници, турскиот народ работи на градење на нова зелена Турција, јавува Anadolu Agency (AA).

Ердоган претходно го прогласи 11 ноември за Национален ден на пошумувањето, а денес низ Турција се реализира голем проект во рамките на кој ќе бидат засадени 11 милиони садници.

Турскиот претседател лично присуствуваше на садењето на една од локациите во близина на Анкара, и притоа изјави дека Турција засадила 4,5 милијарди садници во изминатите 17 години, со што ја има зголемено површината под шуми од 20,8 на 22,7 милиони хектари.

Со тоа, Турција ги намали површините изгубени на годишно ниво поради ерозијата за над две третини, поточно од 500 милиони тони на 154 милиони тони.

„Ние ѝ припаѓаме на цивилизацијата која од нас бара да засадиме садница дури и кога гледаме да настапува Судниот ден“, рече Ердоган.

„Нашата нација пишува историја во пошумувањето, засадувањето и заштитата на природата“, нагласи Ердоган, пофалувајќи го ентузијастичкото учество на јавноста во садењето садници низ цела Турција.

Ердоган истакна дека владата работи на заштитата на воздухот, водата и почвата во услови кога глобалното затоплување и климатските промени ги исполнуваат насловните страници во светот.

Турскиот претседател најави дека масовното садење садници ќе биде редовна активност секоја година, на Денот на пошумувањето во Турција.

Министерот за земјоделство и шумарство на Турција, Бекир Пакдемирли, претходно истакна дека проектот „Здив за иднината“ го координира Дирекцијата за шумарство на Турција под мотото „Денес садница, утре здив“.

Тој нагласи дека ќе бидат соборени два светски рекорди, и тоа рекорд за најмногу засадени садници во еден час и рекорд за креирање на најголемата база на фотографии која граѓаните ќе ја направат. Рекордите ќе бидат пратени на разгледување и на Комисијата на Гинисовата книга на рекорди.

Министерството ќе ги засади садниците во име на луѓето што ги донираа преку интернет. Досега се донирани 13 милиони дрвја. 11 милиони ќе се засадат денес, а остатокот до крајот на месецот.