Ердоган повторно се закани: Ќе ги пуштам Сиријците кон Европа

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска за време на посетата на Унгарија се закани дека ќе ја „отвори вратата“ кон Европа за сириските бегалци сместени во Турција.

Ердоган побара од меѓународната заедница да го поддржи планот за нивно делумно враќање во Сирија.

„Со или без поддршка, ние ќе продолжиме да ги примаме нашите гости, но само до еден момент. Ако утврдиме дека тоа не функционира, нема да имаме избор освен да ја отвориме вратата кон Европа“, рече Ердоган на прес-конференцијата во Будимпешта со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Турција прими повеќе од 4 милиони бегалци, меѓу кои 3,6 милиони Сиријци кои избегаа од војната од 2011 година. „Голем број бегалци би можеле да мигрираат кон Европа“, рече Ердоган.

Турскиот претседател со недели се заканува дека ќе ја „отвори вратата“ за мигрантите, бидејќи ги повикува европските земји да го поддржат враќањето на Сиријците, што тој сака да го започне.

Минатиот месец Турција почна офанзива во северо-источна Сирија за протерување на курдската милиција и формирање безбедносна зона каде може да се сместат голем број од сириските бегалци од Турција.

„Безбедносната зона сакаме да ја воспоставиме така што Сиријците кои се во нашата земја можат да се вратат во своите домови и во својата земја“, рече Ердоган.

Турскиот претседател ја повикува меѓународната заедница да учествува во финансирањето на изградбата на еден или повеќе нови градови во областа каде Анкара започна воена операција во Сирија.

Ердоган рече дека разговарал за планот со генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш, кого го повика да организира самит за прибирање средства, што Гутереш ветил дека ќе го направи.

Loading...