Вулканот Таал направи пустош на Филипините

Ерупцијата на вулканот Таал во близина на Манила исфрли лава, а местата во непосредна близина ги покри со пепел. Аеродромот во главниот град на Филипините е привремено затворен, а луѓето принудно ги напуштија домовите.

Три лица се претпоставува дека починале од срцев удар поради ерупцијата на вулканот Таал, во непосредна близина на филипинската престолнина Манила, каде се дислоцирани речиси 82 000 лица.

Починале 65-годишна жена и 27-годишен маж од градовите Талисеј и Таал во Батангас, сооопшти регионалната Канцеларија за намалување ризиците од природни катстрофи.

Жената во понеделникот доживала срцев удар, додека мажот починал вчера, додаде канцеларијата. Полицијата претходно соопшти дека возач на камион умрел во понеделникот во блиската провинција Лагуна откако ја загубил контролата врз возилото заради слабата видливост од пепелта на вулканот.

Жителите се евакуирани од градовите во Батангас и блиската провинција Кавита, но некои мажи останале да ги чуваат нивните имоти и добиток.Тимови за итни случаи, вклучително и полиција и војници, се распоредени за да обезбедат сите да си заминат од подрачјата со висок ризик, токму поради извештаите дека некои лица ги избегнале официјалните совети и се вратиле дома откако престојувале во центрите за евакуација.

На 12 јануари еруптира вулканот Таал, кој се наоѓа на големиот остров Лузон, испуштајќи пепел и пареа на височина од 8 километри на небото. Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија соопшти дека вулканот влегол во период на нестабилност што прераснал во магматска ерупција и сериозно исфрлување лава со грмотевици и удари од светлина.

Директорот на институтот, Ренато Солидум, го зголемил нивото за паника на максимално ниво 5 и сега се верува дека е можна опасна експлозивна ерупција во период од неколку часа до неколку дена.Институтот нареди евакуација во градовите Балет, Сан Николас и Талисеј во Батангас и во други градови на брегот на езерото Таал.