Заев чистеше во општина Бутел (видео)

Вработените во јавната администрација и службениците во Град Скопје, денеска ја спроведоа акцијата „Администрацијата чисти со граѓанската организација ‘Не биди ѓубре’“.

Неколку илјади државни службеници, заедно со премиерот Заев и сите министри во владата, во координација со граѓанските активисти денеска собираа смет и други отпадоци како резултат на одлуката на Владата на Република Северна Македонија, на тој начин да биде одработен 2 јануари, која оваа година беше прогласен за неработен ден.

Претседателот на Владата членовите на неговиот кабинет, како и вработените во Генералниот секретаријат на владата, акцијата ја спроведоа во општина Бутел, во кругот на основното училиште „Панајот Гиновски“ и во населбата Бутел.

Во изјавата за медиумите премиерот Заев истакна дека целта на оваа акција е вработените во државната администрација од институциите кои се вклучени во Акцијата да помогнат во процесот на зачувувањето на животната околина како должност на секој граѓанин да ги унапредува и штити животната средина и природата во својата локална заедница.

„Секој човек има право на здрава животна средина. Но, истовремено и секој е должен да го дава и сопствениот придонес за доследното почитување и практикување на овие принципи како услов за почиста животна среедина, подобро здравје, поквалитетен и подолг живот на граѓаните. Се надеваме дека на овој начин ќе влијаеме и на свеста на граѓаните, за да успееме да ги зачуваме чисти локациите откако ќе заврши акцијата“, истакна премиерот Заев, и додаде дека Владата на Република Северна Македонија целосно ја разбира реакцијата на граѓаните и граѓанските организации поврзани со заштитата на животната средина и со загадениот воздух.

Планот за чист воздух и борбата против аерозагадувањето, рече премиерот Заев, се стратешки приоритети на Владата.

„Имаме јасна политичка волја да се справиме со овој проблем кој, за кој ништо не беше преземано во минатото. Планот предвидува сеопфатен и координиран пристап за спроведувањето на мерките, во партнерски однос на владините институции, граѓанските организации, деловните компании и меѓународните организации, и во таа насока останува отворена нашата покана заедно да работиме на решавање на овие прашања“, порача премиерот Заев.