Заев: „Југохром“ нема да работи додека не се стават филтрите

„Југохром“ нема да функционира додека не се стават филтрите. Треба централната власт, локалната власт и граѓаните сите заедно да го решаваме прашањето на загадувањето“

Знам дека граѓаните не очекуваат од утре решение, но сите овие чекори кои ги преземаме се сериозен импакт којшто го даваме во општеството и верувам дека годините кои доаѓаат пред нас ќе бидат успешни во борбата против аерозагадувањето, рече премиерот Зоран Заев синоќа пред почетокот на владината седница во Тетово.

– Десет милиони евра најдовме пари. До два милиони евра определуваме во буџетите, директно за еколошки програми. Ги зајакнавме сите програми на екологијата. Парите не одат во споменици, музеи, одат во гасификација. Спомнавме, само 29 милиони за 76-те километри за овој северозападен дел од државата. Да не зборувам за сите филтри, интервенциите во училиштата. Апелираме до граѓаните, барем оние побогатите да ги сменат системите за греење. Никојпат, никој не носел вакви одлуки. „Југохром“ е затворен – рече премиерот Заев посочувајќи дека Владата презема мерки чија цел е заштита на здравјето на сите граѓани подеднакво.

Тој посочи и дека очекува успешна имплементација и на мерката за замена на старите грејни тела со инвертори и очекува законските постапки да бидат запазени и кон крајот на ноември граѓаните ќе можат да аплицираат за да го остварат правото за инвертори, по точно посочени локации.

– Бројката е 10.000 граѓани, тоа не е малку, за Скопје, Тетово, Кичево и Битола. Многу е важно целата таа бројка да биде максимално искористена. Знаете дека определивме 40 милиони од 87 милиони, коишто ЕЛЕМ или сега ЕСМ ги има на својата сметка, за да враќа кон екологијата – рече премиерот Заев кој најави и следната година продолжување на оваа мерка со многу поголеми средства.

– Да видиме дали од овде можеме да „нападнеме“ со некои конкретни мерки, кои светот ги презема за да може навистина тоа да се ослободи. Сето тоа претставува еден целосен фокус на Владата не само наративно, на зборови туку со конкретни пари. Знаете дека некогаш е тешко и 500.000 евра, или еден милион евра да определите. Определивме повеќе од 15 милиони евра буџетски пари, пари од државата за да можеме да успееме со резултатите секоја година, дел по дел, за да се успее во борбата против аерозагадувањето – истакна Заев.

Во однос на заштитата на одредени национални паркови и подрачја, премиерот Заев оцени дека се стопирани и се преиспитуваат сите одлуки за кои постои сомнеж дека можат да наштетат.

– За нас нема поважно од здравјето, од еколошките аспекти. Ако треба државата во следните три години наместо да изгради 20, 30 мали хидроцентрали, нека изгради 10-15, но еколошки да биде заштитено подрачјето – оцени премиерот.