Колективна радост за „Медена земја“: МКЦ организира групно гледање на Оскарите

„Оскари во МКЦ (пренос во живо)“ – вака е насловен настанот кој Младинскиот културен центар во Скопје го објави на социјалните мрежи, откако целата земја вчера ја израдува веста дека македонскиот документарец „Медена земја“ доби две номинации за Оскар.

Филмот на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов доби две номинации: за Најдобар документарец и за Најдобар странски филм, што значи дека ова е најголемиот успех на македонски филм во светски рамки досега.

Покрај тоа што двете номинации за „Медена земја“ е историски за македонската кинематографија, исто така е историски и за Американската академија за филмска уметност и наука.

За првпат досега во историјата на Оскарите, еден филм е номиниран во иста година и во категоријата Најдобар документарец и во категоријата Најдобар странски фиилм (која до лани се викаше Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје).

Филмот за пчеларката Атиџе Муратова се закити со бројни награди на светски фестивали и избори, а двете номинации за Оскар само ја заокружија исклучително успешната година за овој македонски документарец.

„Медена земја“ е номиниран за Најдобар документарен филм заедно со: American Factory, The Cave, The Edge of Democracy и For Sama; и за Најдобар странски филм со: Corpus Christi (Полска), Les Miserables (Франција), Pain & Glory (Шпанија) и фаворитот Parasite (Јужна Кореја).

Документарниот филм Медена земја е во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска. Филмот е во продукција на Атанас Георгиев, кој е и монтажер, а кинематографијата е на Фејми Даут и Самир Љума.

Колективната радост за успехот на филмот очигледно го поттикна менаџментот на МКЦ да го организира групното гледање на доделувањето на наградите на Амерканската академија за филмска уметност и наука, имајќи предвид дека ова е историска прилика за ваков тип на настан.

Според кратката најава, настанот е закажан на 9 февруари со почеток во 23 часот, во просторот на Кино „Фросина“ каде ќе се одржи пренос на свеченоста во живо од театарот „Долби“ во Холивуд.