Крузерите се пловечки „инкубатори на вируси“

Најголемиот број заразени луѓе со коронавирусот надвор од Кина, не се наоѓаат во ниту една друга земја, туку на море. Крузерот што во меѓувреме се претвори во пловечки карантин, воедно е и најголемата импровизирана болница за заболени луѓе од вирусот, за кој сè уште не е пронајден метод за лекување.

Нашата јавност беше потресена од веста за заразениот Македонец на крузерот „Дајмонд принсес“, каде што бројот на заболени се искачи над 200. Сепак, ова не е единствениот брод што во е под карантин, бидејќи неодамна под полициски надзор беше ставен и крузерот од Хонк Конг, кој не доби дозвола за пристанување сè додека резултатите од крвта на 3.600 патници и членови на екипаж потврдија дека во пловилото нема заразени. „Дајмонд принсес“ на почетокот од месецот ја напушти Кина, не доби дозвола за прикотвување на пристаништа во Јапонија, Филипини, Гуам и Тајван, а судбината на патниците беше неизвесна сè додека не беше одобрена дозвола за пристанување во Камбоџа.

Стравот од пристанување на брод со заразени патници не е ексклузивно врзан за коронавирусот, туку слични судбини на „Дајмонд принцес“ можат да се пронајдат во антиката, во средниот век и во разните периоди од новиот век. За крузерите и воопшто за прекуокеанските бродови се вели дека се пловни „инкубатори на зарази“, кои претставуваат сериозна закана за градовите и населените места, во чии пристаништа за прикотвуваат

Секое патување со крузер е ризично

Меѓународно признатиот експерт за заразни болести, професорот Сањаја Сенанајке од Австралискиот национален универзитет, тврди дека на крузерите постои повисок степен на ризик за пренесување респираторни и стомачни заразни заболувања.

– Генерално на едно место имате патници од повеќе места во светот, кои во еден период се дружат и се собираат во простории. Патниците имаат различни нивоа на имунитет и тоа е идеална ситуација за ширење на заразните болести – вели професорот.

Иако сè уште не е потврдено, коронавирусот најверојатно се пренесува преку капки од плунката и секретот. Сенанајке објаснува дека заразата е возможна и без директен контакт со носителот на вирусот.

– Замислете некој да кивне на масата на која појадува. Подоцна на истата маса можат да седнат друга група луѓе и во оваа конекција е возможно ширење зарази. Воопшто и не треба да бидете во директна комуникација со заразените за да ви биде пренесен вирусот. На крузерите патниците пливаат во истите базени, во исто време влегуваат во сауни, во центрите за релаксација, вечерите ги поминуваат во големи концертни сали или определени места за забава. Доволно е поголема група луѓе да помине одредено време заедно за време на оброците – додава Сенанајке.

Погрешна перцепција за туристичките бродови

Експертот за бродско крстарење Стујарт Широн смета дека во моментов крузерите се неоправдано сметани како еден од најризичните фактори за пренесување на коронавирусот.

– Перцепцијата за крузерите е најчесто погрешна. Многумина сметаат дека за време на оброците патниците се редат за да им биде сервирана храната. Кај големите бродови се поставени маси со различен тип храна, па тој што сака пржени јајца за појадок оди на тоа место каде што се служат. Поентата е во тоа дека луѓето не се тискаат еден околу друг за да земат од храната, претурајќи со виљушките по поставените овали, како што многумина имаат претстава за тоа – вели Широн.

На „Дајмонд принсес“ екипажот брои повеќе 1.000 луѓе, а според бројките што беа објавени од „Би-би-си“, 10 од нив се заразени од вирусот. Токму улогата на екипажот е оценета како ризична во ширењето болести.

– Членовите на екипажот се во постојан меѓусебен контакт. Тие јадат во посебни мензи и престојуваат во засебни простории за забава. Местата во кои спијат се тесни кабини, каде што неретко се поставени и повеќе од четири легла. Патниците доаѓаат и си одат од крузерите, но вработените остануваат на истиот брод и ја пречекуваат новата тура на туристите. Лесно може да се претпостави дека во контактот со патниците тие можат да им го пренесат вирусот – тврди професорот Сенанајке.

Според важечките меѓународни правила, кои ги почитуваат интернационалните компании за крузинг, одржувањето на хигиената на патничките бродови се одржува на највисоко ниво. Во процедурата е вметнато и редовното чистење на палубите со хемиски средства, со кои се уништуваат бактериите и вирусите.

– Сигурен сум дека на „Дајмонд принсес“ се преземани сите неопходни санитетски подготовки, но и покрај тоа ризикот од ширење на заразата на крузерите е голем. Но, тие не се единствените места каде што ризикот е зголемен. Може да се каже дека патувањето со брод носи ризик, но животот се состои од превземање ризици – смета австралискиот експерт за заразни болести.

Многумина други експерти во полето се сложни дека туристичките крстосувачи ќе бидат „ставани под лупа“ додека трае глобалната опасност од коронавирусот.

Лошо организиран карантин

Низа експерти укажуваат дека јапонските власти лошо го организирале карантинот на „Дајмонд принсес“, додека капетанот на крузерот се обидувал да добие дозвола за пристанување.

– Знаеме дека прифаќаат заразени пациенти да го напуштат бродот. Ако се спроведуваат заштитни мерки за да може заразените безбедно да го напуштат бродот, не гледам зошто не би ги извлекле и другите – вели Питер Хортез од катедрата за тропска медицина на Медицинскиот факултет Бејлор.

Ерик Рубин, професор по имунологија на Харвард, смета дека чувањето на сите луѓе во карантин е опасно за екипажот.

– Многу се расправа што да се прави со патниците, но екипажот е изложен на засилен ризик во затворена средина на брод. Тоа е идеално место за ширење зараза.

Раи Калуори, втор човек на „Принсес крузиз“, изјави дека членовите екипажот на бродот ќе добијат „вообичаена плата и бонуси, како и додаток за прекувремена работа“ додека бродот е во карантин. И тој и капетанот Стефано Равера даваат гаранции дека системот за климатизирање на бродот не придонесува за ширење на вирусот, а и дека кабините се доволно изолирани.