Мегапожар го голта континентот! Три пати поголем од сите познати досега: Огнениот монструм тргнува кон најгусто населената област

Неколку огромни пожари на југоистокот на Австралија се споиле во “мегапожар” кој зафаќа околу 3.700 квадратни километри, што е три пати поголема површина од било кој досега познат пожар.

Тој мегапожар кој беснее кон најгусто населените држави Нов Јужен Велс и Викторија, уништува речиси 1,5 милиони хектари, наведува Sidney Morning Herald.

Тоа, додаваат, е само еден од околу 135 пожари во кои од октомври настрадале 26 лица и повеќе од половина милијарда животни, додека оштетени или уништени се 3.000 куќи.

Австралија апелирала до речиси 250.000 луѓе да ги напуштат своите домови и подготвила воена помош, бидејќи наредните неколку часа ќе бидат многу критични, иако во некои делови на земјата почнало да врне дожд.

Одбранбениот персонал е подготвен да оди во подрчајата зафатени со оган доколку условите станат поекстремни, порачал премиерот на Австралија, Скот Морисон.

Премиерот на сојузната држава Викторија, Даниел Ендрус, рекол дека дури и со дождот во Мелбурн и подобрите временски услови кои се предвидуваат за следната недела, пред Австралија има многу работа кога станува збор за пожарите кои ја погодиле земјата, пренесува “Reuters”.

“Следните неколку часа може да бидат многу, многу критични”, рекол тој.

Иако се очекува дека ветровите ќе престанат во сабота, апелирал до граѓаните да бидат внимателни и да ги напуштат своите домови, доколку се побара тоа од нив.

Властите пратиле 240.000 пораки до граѓаните на Викторија дека треба да ги напуштат своите куќи, а жителите во високоризичните подрачја во Нов Јужен Велс и Јужна Австралија исто така ги советувал да размислат за заминување.

Пожарите беснеат во Австралија од октомври, а зафатиле 10,3 милиони хектари, што е колку површината на Јужна Кореја.