„Медена земја“ е номиниран за најдобар документарец во Европа

„Медена земја“ е номиниран за најдобар документарен филм на „Европските филмски награди“, кои ги доделува „Европската филмска академија“.

Одлуката е соопштена денеска во Севиља, Шпанија. Македонскиот документарец е меѓу петте кандидати за наградата најдобар европски документарец за 2019 година.

На овој потесен избор, пред три месеци му претходеше селекцијата на „Медена земја“ меѓу 12 филмови – најсериозни кандидати за оваа награда. За оваа селекција одлучуваат гласовите на 3.600 членовите на ЕФА. Победниците ќе бидат прогласени на церемонијата што ќе се одржи на 7 декември оваа година во Берлин, Германија.

Филмот раскажува за Атиџе, последната пчеларка во Европа која се соочува со сериозен предизвик кога треба да ги спаси пчелите и да ја зачува природната рамнотежа. Во Медената земја пристигнуваат пчелари номади кои го прекршуваат основното правило: земи половина од медот, а другата половина остави им ја на пчелите.

„Медена земја“ е најнаградуваниот македонски документарен филм, кој на почетокот на оваа година се закити со три главни награди на престижниот фестивал „Санденс“. Филмот е македонски кандидат за „Оскар“.

Режисерите и главната протагонистката во „Медена земја“ – Атиџе Муратова деновиве се во Њујорк, каде што на 10 ноември во Бруклин ќе бидат доделени наградите Избор на критиката за документарци (Critics’ Choice Documentary Awards). Филмот е номиниран во категориите: најдобар филм, најдобра режија, најдобра кинематографија, најдобар документарец на тема наука или природа. На церемонијата на Атиџе ќе ѝ биде врачена наградата за најпривлечен лик во документарец.