Митрополитот Агатангел до верниците: Поради здравствени причини јас не одам во храмови, ама вие одете!

Реакциите по скандалозните повици на свештеници од Повардарската епархија, кои во време на пандемија, и покрај сите владини препораки за изолација ги повикуваа верниците да одат во храмовите, да се причестуваат и да ги примаат свештениците дома, се уште не стивнуваат.

По повод овие повици на свештениците, вчера на прес и министерот за здравство Венко Филипче беше јасен дека сите мора да се придржуваат до препораките и како мерките мора да се спроведуваат.

Но, и покрај мерките, митрополитот Агатангел на страницата на Повардарска епархија уште пред два дена објави послание до верниците, во кое ја бара нивната доверба, и ги охрабрува да доаѓаат во црквите и да ги примат свештенците во своите домови.

Она што е впечатливо, Агатангел на почетокот на своето послание информира дека тој е отсутен од храмовите, поради здравствени проблеми, но ги утешува верниците дека со срцето и мислите бил со нив. Вели дека ако се укине Светата Литургија, Светата Црква ќе се претвори во музеј, споменик на културата, историска архива, фолклорно друштво – но нема да биде Црква.

-Безброј чудеса се забележани во житијата на светите, кога луѓе болни од тешки и неизлечиви и заразни болести биле причестувани, па болестите за кои немало лек, после причестувањето исчезнувале како со рака однесени. Причест е лек за бесмртност, а никако и никогаш извор на зарази и болести. И со таква вера треба да живееме и да се причестуваме. Немоќните кои се плашат да ги целиваат иконите или крстот, или се плашат да примат свештеник за водосвет во нивниот дом – да имаат повеќе вера и доверба– порачува митрополитот.

Во тек на вчерашниот ден, свештеници од Кавадарци, Неготино, Велес и Гевгелија, качени во отворени возила, со света вода ги прскаа улиците, и читаа молитви за да престане глобалната пандемија.

Според свештениците, молитвите и прскањето со светата вода биле со благослов на Митрополитот Повардарски Агатангел. Околу тоа дали е поднесена пријава против свештениците и митрополитот кои во време на пандемија повикуваат на собири и непочитување на мерките на Владата, надлежните служби се уште се немаат огласено.

Исто така, нема информација дали и МПЦ ќе се вклучи во борбата против корона вирусот и ќе одвои финансиски средства, кои ќе бидат наменети за ранливите категории на граѓани.