Николов и Шуклев не можат да влезат во Кина оти немале дооговор со турстичка агенција

Македонските авантуристи Џоко Шуклев и Ѓорѓи Николов утрово не можеа да ја преминат монголско-кинеската граница зашто немале договорено туристичка агенција и кинески возач со кој би се движеле на територијата на Кина. По 18 дена возење од Стојаково до оваа граница и поминати речиси 10.000 километри, тие се исправени пред проблем за кој во потребните документи од кинеската амбасада воопшто не им било посочено.
Со видеоснимка се обратија и до своите следбеници и поддржувачи на „Фејсбук“, дури се обидуваа и да ги разубедат службите на кинеската граница дека ги имаат сите можни документи што од кинеската амбасада им биле посочени две недели пред да тргнат на големото патување. Од нашата амбасада во Кина се обидуваат да ја надминат ситуацијата.
– Ја предложивме и опцијата да влеземе барем ние, но ни е страв да не му се случи нешто на возилото, односно да не ни го украдат, оти нема опција да се паркира на безбедно место. Имаме најуредна документација, сѐ е преведено на кинески јазик, а никој од кинеската амбасада не ни кажа дека најмување туристичка агенција е битен услов за да можеме да влеземе во земјата. Ние во возилото не ни имаме место за уште еден човек затоа што носиме опрема. Во Монголија не можеме да се вратиме оти имаме само транзит-виза – велат Шуклев и Николов.
Да биде проблемот уште поголем, овој граничен премин не работи 24 часа.
Министерството за надворешни работи за Факултети.мк изјави:
– Запознаени сме со проблемот на возачкиот тандем Шуклев и Николов од Стојаково на нивното патување со возилото „рено 4“. Во директен контакт сме со нив, со надлежните власти преку нашата амбасада во Пекинг, како и со кинеската амбасада во Скопје. Правиме сѐ што е во наша надлежност во правец на брзо решавање на проблемот со кој се соочуваат Шуклев и Николов.
Шуклев во контакт со нашата амбасада во Кина
Целта на Шуклев и Николов им е да стигнат до Пекинг, каде што би поминале неколку дена, да се одморат, а потоа да се вратат назад со нивното „рено 4“.
Тие го почнаа патувањето на 29 јуни од Стојаково. По големата авантура кога стигнаа до Ница и назад со нивниот олдтајмер, одлучија да се зафатат со поголем предизвик. Изминатите нецели три недели речиси немаа поголеми проблеми, среќаваа луѓе од кои добиваа голема поддршка, а беа пречекувани и од нашите претставници во амбасадите во земјите што ги посетија.