Никој не се обиде да упадне во АРЕА 51 на долгонајавуваниот собир: „НЕ МОЖАТ ДА ЗАПРАТ ТРИ МИЛИОНИ ЛУЃЕ“

Стравувањата дека илјадници луѓе ќе се обидат да упаднат во Област 51 се покажаа неосновани, откако само десетици се појавија пред мистериозната воена база во пустината во Невада.

Милиони луѓе одговорија на објава на Фејсбук која повика на упад во високо заштитената област на 20 септември, со цел да се видат вонземјани што владата ги крие таму, но на крајот, никој не се обиде да го направи тоа и само едно лице беше уапсено – за мочање покрај капијата.

Во јуни, студентот од Калифорнија Мети Робертс направи настан на Фејсбук преку кој ги повика луѓето да упаднат во базата во доволен број за да не можат да бидат спречени од обезбедувањето.

„Да упаднеме во Област 51, не можат сите да нѐ запрат!“, стоеше во најавата.

За само неколку дена, настанот стана интернет сензација и иако Робертс призна дека сѐ било само шега, повеќе од три милиони луѓе одговориле дека ќе земат учество, што предизвика стравувања дека навистина би можело да има жртви. Американската војска предупреди дека „Област 51 е отворен тренинг погон на воздушните сили и на никого нема да му се дозволи да влезе“. На крајот, само 75 луѓе се појавија пред капиите.

Област 51 е создадена во 1950-ите години за развој и тестирање на летала и Барак Обама беше првиот американски претседател кој го призна нејзиното постоење. Со децении се веруваше дека владата таму крие вонземјани.