Нови седум позитивни лица во Куманово

Седум новозаразени во Куманово, потврдија од Центарот за јавно здравје од Куманово за Телма. Меѓу нив нема медицински лица.

Куманово денеска, по воведувањето на полицискиот час синоќа од девет часот, е празно. На плоштадот, во центарот на градот има само кучиња.

Владата на вчерашната седница донесе одлука за забрана и посебен режим на движењето на населението во Општина Куманово, и тоа целосна забрана за време на викенд, почнувајќи од вчера од 21:00 часот до 05:00 часот во понеделник (06.04.2020 година). Во работните денови, од понеделник до петок, забраната важи секој ден во периодот од 16:00 до 05:00 часот.

Одлуката на Владата следува откако бројката на заболени во Куманово порасна на 85 лица, од кои 11 се здравствени работници.

Опозицијата ја обвини власта дека не ја соопштила одлуката за воведување на полициски час во Куманово навремено и со тоа предизвикале хаос во градот. Градоначалникот на Куманово на своите сограѓани им порача дека одлуката за ограничување во движење е неопходнаи треба да се почитува.

-Дали требаше да се најави, да секако, општинскиот штаб за заштита и спасување тоa го бара уште од 22 Март, тоа што поединци целово оваа време неодговорно се однесуваат и не ги почитуваат препораките и мерките на штабот и Владата не доведува сите во сеопшта опасност од пандемија, напиша Димитриевски.