Откриена палата стара 3.400 години откако реката се повлче поради суша

Германски и курдски археолози открија античка палата стара 3.400 години во коритото на реката Тигрис, откако нивото на реката опадна поради суша. Комплексот кој се простира на површина од најмалку 2.000 квадратни метри, бил дел од кралството Митани, древна држава која владеала на територијата на денешна Сирија и Анадолија.

Археолозите првично палатата ја откриле минатата есен, но имале само три недели да ја истражат пред таа повторно да исчезне, откако водостојот на реката пораснал. Периодов во регионот има голема суша, па така научниците имаат прилика античкиот објект да го истражат детално.

Ѕидовите на палатата се високи до два метри, а археолозите на нив пронашле мурали во црвена и плава боја. Внатре во комплексот се пронајдени и десет ракописи со клинасто писмо, а во еден од нив пишува дека палатата некогаш била дел од стариот град Зачику.

Комплексот поточно се наоѓа во регион со курдска автономија на северот на Ирак. Курдскиот археолог Хасан Ахмед Казим смета дека ова е еден од најголемите историски  пронајдоци во поширокиот регион во последните децении.

Loading...