Пожарите во Австралија довеле до еколошки катастрофи: Владата дава 50 милиони долари за спасување на животните

Австралиската влада денес определила 50 милиони долари за итниот програм за помош на дивите животни, по пожарите кои во таа земја довеле до еколошка катастрофа која се заканува со уништување на неколку видови, вклучувајќи коали и валабии.

Огромните пожари уништиле повеќе од 11,2 милиони хектари, што е површина еднаква на половина Велика Британија.

Некои проценки велат дека дури милијарда животни, вклучувајќи и стока, домашни животни и домашни миленици, настрадале во пожарите или им се заканува опасност поради недостиг на храна и засолништа.

“Ова е еколошка катастрофа која и натаму се развива”, рекол шефот на трезорот Џош Франденберг во текот на посетата на болницата за коали Порт Меквари, каде се лечат 45 вакви животни.

Фотографии од запалени кенгури, коали и опосуми, заедно со снимки од луѓе кои ги ризикуваат животите за да ги спасат домашните животни, се споделуваат преку социјалните мрежи и медиуми ширум светот, а луѓето ширум планетата се вклучиле во акцијата за плетење на илјадници заштитни торбички и ќебиња за повредените диви животни.

Австралискиот огранок на Светскиот фонд за природа WWF ја советувал владата за 13 животни чии домови се уништени или тешко оштетени, меѓу кои критично се загрозени жаби, птици и мочварни папагали.

Меѓу загрозените животни се и коалите на југоистокот, кенгурите, црните какадуа, западните мочварни папагали и малиот кенгур валаби.

Во една од организираните мисии, персоналот на националниот парк користел хеликоптер за да спушти илјадници килограми моркови и компири за животните во далечните подрачја на Нов Јужен Велс.

“Овие мали кенгури обично преживуваат пожари, но страдаат поради недостиг на храна, бидејќи пожарот ја уништува вегетацијата околу нивниот дом”, наведува министерот за околина на таа австралиска држава.

Франденберг рекол дека коалата како “симбол на Австралија” ќе биде во средиштето за финансирање на националната влада, а се проценува дека се уништени 30 проценти од нивната територијата – шумата со еукалиптус, која коалите ја користат за храна и живеење.

Сепак, како што се наведува, целосниот обен на штета ќе биде познат дури по гасењето на сите пожари, а тоа би можело да се случи и за неколку месеци.