Полицијата се приклучи на протестите во Боливија , претседателот стравува од државен удар (видео)

Претседателот на Боливија , Ево Моралес изјави дека демократијата во земјата е во опасност , тврдејќи дека некои групи се обидуваат да направат државен удар.

„Сестри и браќа, нашата демократија е во опасност заради пучот што го започнаа насилните групи за поткопување на уставниот поредок“, напиша Моралес на Твитер.

„Ние го осудуваме овој обид против владеењето на правото пред меѓународната заедница“, додаде тој.

Во петокот навечер, тој свика вонредна седница со неколку министри и главниот командант на вооружените сили, за да разговараат за ситуацијата.

Граѓаните на Боливија вчеравечер протестираа во неколку градови, а полицијата им се придружи на неколку места, додавајќи притисок врз претседателот Моралес по неколку недели оспорување на резултатите од изборите минатиот месец.

Во градот Кочабамба, на местото на неодамнешните насилни судири, полицајците протестираа на покривот на нивниот штаб со знаме на Боливија, како чин на непослушност кон владата.

На снимките на локалната телевизија се прикажани полицајци во другите градови како маршираат заедно со демонстрантите ,извикајќи пароли против левичарскиот лидер Моралес.

Командантот на Националната полиција и министерот за одбрана негираа дека има широко распространета полициска непослушност, но признаа дека имало индивидуални случаи.

Министерот за одбрана побара од жителите да останат мирни, додавајќи дека нема планови за мобилизација на војската.

Началникот на сојузната полиција во изјавата рече дека силите низ целата земја ќе ги исполнат своите задачи за одржување на законот и редот.

Моралес (60) е на власт од 2006 година. Тој беше реизбран на 20 октомври за четврти мандат до 2025 година, но опозицијата тврди дека имало измама.

Во пресрет на протестите што избувнаа еден ден по изборите, досега се убиени три лица, а двесте се повредени.