Почина пациентката од Дебар која беше на респиратор

На Инфективната клиника во Скопје почина 66-годишната пациентка од Дебар која подолго време беше на респираторна машина, и која со нејзиниот сопруг беа првите дијагностицарани на коронавирус од овој град.

Таа примала хронична терапија за хипертензија, соопшти денеска на прес конференција министерот за здравство, Венко Филипче.

Во изминативе 24 часа, во државава се регистрирани 29 нови случаи на коронавирус, од кои 20 во Скопје, три во Куманово и Велес, два во Прилеп и еден случај во Дебар. Со ова, бројката на заразени се искачи на 177 дијагностицирани пациенти.

Од новите 29 случаи што се дијагностицирани денеска, пет лица се од Клиниката за кожни болести, на кои им е земен материјал по 16 дена поминати во изолација, а беа во контакт со заразената директорка.

„Со оглед на тоа што беше поминат инкубациониот период, по земањето на примерок за тест, тие имаат позитивен резултат. Тоа се колеги и тие се во добра општа состојба. Практично се асимптоматски, чекаат во домашна изолација да помине периодот од 14 дена. Ќе продолжат да бидат во домашна самоизолација согласно нивната состојба во интензивна комуникација со колегите од Инфективната клиника“, рече Филипче.