Почнуваат со работа теретаните и вежбалните, од денеска угостителските објекти можат да работат и во внатрешноста

 Угостителските објекти од денеска можат да работат и во внатрешноста на објектите преку соодветен протокол за работа, а се дозволува и работа на теретаните и вежбалните, додека моловите ќе можат да работат и во неделите.

Ова го овозможува Уредбата што ја донесе Владата на својата 72-ра седница во вторникот врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести.

Согласно протоколите за работа, вработените во угостителските објекти кои послужуваат задолжително треба да носат заштитни маски и зачестено да одржуваат хигиена на раце. Во просторот за послужување на гости, каде има поставено маси, треба да се обезбеди растојание од столче до столче од 1,5 до два метра со соседните маси во сите правци. На една маса со четири столици може да седат и да се послужуваат максимум две лица или четири лица доколку се од исто семејство. Дозволен е максимален број на 12 лица на споени маси заедно со задолжително растојание помеѓу секој гостин од 1,5 метри. Задолжително треба дабиде поставено дезинфекционо средство за раце на секоја маса. Забрането е организирање на прослави (свадби, родендени, крштевки и сл.)

При организирањето на игри на среќа во автомат клубовите бројот на лица е ограничен, односно најмногу едно лице може да биде присутно на пет квардратни метри, а на влез задолжително треба да има редарска служба која ќе врши дезинфекција на раце на сите лица кои влегуваат во објектот, контрола на заштитна опрема (заштитни маски). Заштитната опрема е задолжителна при влегување и движење низ објектот. Во објектот е задолжително одржување дистанца од најмалку 1,5 метар, а во случај на помало растојание задолжително треба да се користат пластични, стаклени или слични прегради, паравани и слично.

Слични услови има и за организирање на игри на среќа во казина, со тоа што редарската служба ќе врши контролирано пропуштање на лица во објектот со запазување дистанца од најмалку два метра до казино рецепцијата. Воедно позициите за регистрација на посетители мора да бидат одвоени најмалку два метра една помеѓу друга. Присуството на лица на касите низ објектот е со одржување дистанца од два метра растојание.

За играње на апарати на среќа (АИС) доколку гостите седат на играчкото место на АИС и притоа е запазено минималното растојание или играчкото место е обезбедено со пластични, стаклени или слични прегради тогаш носењето заштитна опрема е задолжително за време на играта. Доколку гостите седат на играчкото место на АИС со повеќе играчки места (електронски рулет) и притоа е запазено минималното растојание или играчкото место е обезбедено со пластични, стаклени или слични прегради тогаш носењето на заштитна опрема е задолжително за време на играта.

За играње на масите за жива игра предвидено е играта Американски Рулет да се одвива со најмногу три играчи при што носењето заштитна опрема е задолжително. Играта на маса за жива игра Блек Џек, Карабиан Покер, Ултимејт Тексас Покер и други казино игри кои се играат на маси со седум играчки места, се одвива со најмногу три играчи при што носењето на заштитна опрема е задолжително.

Игра на маса за жива игра Тексас Холдем Покер се одвива преку едно играчко место со најмногу пет играчи при што носењето на заштитна опрема е задолжително.