Приходите на УСЈЕ надминаа 56 милиони евра за девет месеци

УСЈЕ има феномален трет квартал, новина што сигурно ќе ги израдува нивните акционери. Во периодот јули-септември добивката е 6,3 милиони евра и тоа е 40 отсто повеќе од просечната добивка за секој од првите два квартали. Добивката за девет месеци надмина 15 милиони евра

Скопската цементарница УСЈЕ оствари 56,3 милиони евра приходи од продажба за првите девет месеци годинава, покажуваат официјалните податоци од неревидираниот извештај достапен на веб страницата на Македонската берза за хартии од вредност. Акционерите можат да бидат задоволни затоа што УСЈЕ работи подобро од лани и за првите девет месеци нето профитот е 15,3 милиони евра и бележи раст од 21 отсто во споредба со истиот период лани.

Податоците покажуваат дека УСЈЕ има фантастичен трет квартал. Во периодот јули-септември компанијата има солиден раст на продажба. За споредба приходите од продажба за првите шест месеци изнесуваат 35,1 милиони евра, а само во последниве три месеци (јули-септември) изнесуваат 21,2 милиони евра. Ако се спореди продажбата во третиот квартал со просекот по квартал за првото полугодие тогаш периодот јули-септември е за 21 отсто повисока од просечната квартална продажба. Тоа е и очекувано затоа што овојпериод во ек се градежни активности кои повлекуваат зголемена потреба од градежните материјали што ги произведува УСЈЕ.

На домашниот пазар УСЈЕ пласирал производи во вредност од 36,7 милиони евра и тоа е за 5 отсто подобро од истиот период лани. Извозот во првите девет месеци изнесува 19,6 милиони евра и книжи раст од 10 отсто. Во истиот период со раст на приходите од продажба од 7 отсто, оперативните расходи растат само 2 отсто. Тука е клучниот генератор на растот на оперативната добивка, а воедно и на нето добивката на компанијата годинава во споредба со истиот период лани.

Оперативните расходи за првитре девет месеци изнесуваат 41,3 милиони, а оперативната добивка на компанијата достигна 17 милиони евра за 9 месеци работење. Во споредба со истиот период лани годинава оперативната добивка е повисока за 22 отсто.

Нето добивката во најинтензивниот квартал (јули-септември) е 6,3 милиони евра и во споредба со просекот за претходните два квартали е повисока за 40 отсто. Акцијата на УСЈЕ е посакуван материјал за тргување на нашиот пазар на капитал затоа што редовно дели дивиденда на своите акционери. Според официјалните податоци достапни на берзата за послениве три години оваа компанија годишно носи по 25 евра дивиденда на своите акционери.

Loading...