Скопје гореше, шампионите пречекани како богови!

Силни емоции доживеаа ракометарите на Вардар по пристигнувањето во главниот град. Можеби дочекот не беше организиран на високо ниво, но бројноста и емотивниот набој на граѓаните го направи величенствен.

Илјадници пред аеродром, а десетици илјади на плоштадот со часови ги чекаа ракометарите поради доцнењето на авионот, а во моментите кога тие пристигнаа, настана целосна лудница.

Нешто после 23:30 панорамскиот автобус пристигна на плоштадот „Македонија“, и тогаш ракометарите можеа јасно да видат дека целиот град е на улица, поттикнат од нивниот успех.

Нивната реакција беше воодушевувачка. Некои се фаќаа за глава, некои со солзи во очите, како тогаш да сфатија колку е горда целата нација на нив. Оваа титула дефинитивно е “послатка” и за ракометарите и за фановите, поради се што се случуваше во текот на целата сезона. Иако изгледаше невозможно, дека десеткувана екипа која не земала плата со месеци, има сила да ја покори Европа уште еднаш. Но, тогаш кога ракометната јавност  ги потцени, тие го почнаа својот “танц” сплотени како еден, за кој и најмоќните европски екипи немаа одговор.

Од плоштадот, ракометарите и дел од фановите го продолжиле славјето до разденување.