Сушата остави 300 милиони Индијци без вода за пиење

Деновиве во Индија се случува масовна преселба на жителите во потрага по вода за пиење, бидејќи рекордните температури ги исушија селските бунари. Сушата однесе 500 човечки животи, ги уништува посевите, додека добитокот умира од глад и од жед.

Состојбата е алармантна во 256 окрузи од Индија, а најкритично е во сојузните држави Телангана, Одиша и Андра Прадеш каде температурите достигнаа 48 целзиусови степени.

Државниот секретаријат за справување со последиците од елементарни непогоди предупреди дека ова ќе биде најтоплото лето во последните 100 години, и дека се очекува температурите во јужните индиски региони да достигнат и над 50 степени.

Се очекува монсунските дождови да стават крај на сушата, но годинава тие доцнат затоа што климатските промени го менуваат редоследот на временските појави и затоа се почесто сме сведоци на екстремни временски услови. Последните четири години на глобално ниво се најтоплите во историјата на човештвото, а таквиот тренд се очекува да продолжи.