Тројниот пакт и сојузот на Југославија со Хитлер: Траеше само 2 дена, но дали можеше да нѐ спаси од војната?

Трите фашистичко – нацистичко – империјалистички сојузници, Италија Германија и Јапонија на денешен ден 1940-та година го потпишаа тројниот пакт во Берлин.

Трите сили се обврзаа да се помагаат една со друга „политички, економски и воено“ за да се остварат заедничките цели, а тоа беа „нов поредок во Европа и источна Азија“. По потпишувањето на озогласениот пакт, германскиот министер за надворешни работи Јоаким Фон Рибентроп даде интересна изјава.

„Целта на овој пакт, пред сѐ е да се обезбеди мирот што е можно поскоро. Поради тоа, секоја земја која сака да пристапи на овој блок, која има намера да го обнови мирот, ќе биде искрено добредојдена и ќе учествува во економската и политичка реорганизација“.

Вклучувањето на другите земји

Недолго после потпишувањето на Тројниот пакт во Берлин, се приклучи Унгарија, а во ноември истата година на пактот пристапи и кралството Романија сакајќи да обезбеди заштита од Советскиот Сојуз. Само еден ден подоцна, пристапува и Словачка, а во 1943-та година вреди да се спомене дека пристапи и соседна Бугарија.

И тогаш доаѓаме до „нашата“ Југославија. Преговорите помеѓу Берлин и Белград траеле со месеци и конечно југословенските власти успеале да се изборат за добри услови за Југославија. Имено, договорено било Југославија да пристапи на Тројниот пакт, а силите на Оската (Германија и Италија) да го почитуваат југословенскиот суверенитет и територијален интегритет. Понатаму, силите на Оската да не транспортираат трупи преку Југославија, ниту пак да бараат од Југославија било каква воена асистенција.

Набрзо потоа, претседателот на Владата на тогашното кралство на Југославија, Драгиша Цветковиќ и неговиот министер Цинцар-Марковиќ лично се сретнале со Хитлер за да ги увери дека ќе се почитува договореното. На 25-ти март 1941-ва година Југославија и официјално се приклучува на Тројниот пакт.

Колку време ќе помине Југославија во сојузништво со Хитлер? Само два дена. Имено, на 27-ми март во Белград бил извршен воен удар и од власт бил срушен Павле Караѓорѓевиќ. Потписот со Хитлер го означил нивниот крај, а воениот удар го извршиле официри од југословенската армија поддржани од западните сили. Пучот бил поддржан од Москва со надеж дека со создавањето хаос на Балканот ќе се одложат плановите на Хитлер да го нападне Советскиот сојуз.

На 27-ми март, на денот на државниот удар во главниот град на Југославија илјадници луѓе излегоа на улиците и порачаа: „Подобро војна, отколку пакт! Подобро гроб, отколку роб“. На власт доаѓа кралот Петар Втори Караѓорѓевиќ, а истиот ден, гневниот Хитлер ја издава „Директива 25“, односно воена инвазија на Југославија!

Бесот на Хитлер и контра-ударот на Тито

Инвазијата на Нацистите на Југославија започна на 6-ти април, а нашата заедничка поранешна држава ќе падне за само 12 дена. Југославија била нападната буквално од сите правци – инвазијата започнала со брутално бомбардирање на Белград, додека германските сили продирале од Австрија, Унгарија, Романија и Бугарија, а италијанските од правец на Словенија.

После падот на Југославија се поставува марионетска влада која повторно пристапува на Тројниот пакт (15-ти јуни 1941-ва година), а потоа следува крвава 4-годишна граѓанска војна и долга борба за ослободување – на крајот победуваат југословенските партизани под водство на Јосип Броз Тито. Тито ќе победи во војната без апсолутно никаква помош од советската Црна армија, а тоа ќе има големо значење во понатамошното развивање на Југославија.

Тројниот пакт и пучот во Југославија на крајот го променија текот на Втората светска војна, затоа што Хитлер морал да ги корегира своите планови и прво „да го реши проблемот“ со Југославија, а со тоа и да ја одложи планираната инвазија на Советскиот сојуз. Дали тоа придонело за поразот на Хитлер на источниот фронт? Околу тоа и ден денес траат дебатите.

Можеше ли Југославија да избегне крвава војна?

Една работа е историски факт – пучот во Белград бил силно поддржан од Велика Британија која имала силно влијание во југословенската армија. Јасно е дека Британците со тоа сакале да го намалат влијанието на Тројниот пакт на Балканот, но тоа за Југославија, гледајќи во ретроспектива, крајно лошо затоа што Хитлер наредил инвазија, па следувале најтешките години.

Некои ќе се запрашаат, дали Југославија можеше да ја избегне војната? Тешко, затоа што војната ќе стигнеше на овие простори порано или подоцна. Но, факт е дека некои европски земји одиграа паметно и успеаа да ја избегнат Втората светска војна (Ирска, Португалија, Шпанија, Шведска и Швајцарија) останувајќи неутрални до крајот (секако, нивната „неутралност“ е под знак прашалник). Поради тоа, се остава впечаток дека и Југославија можеше да помине добро затоа што целеше кон неутралност и постигна добар договор со Хитлер, инсистирајќи да не биде воено вклучена, ниту пак силите на Хитлер да минуваат низ Југославија.

Сепак, таквите хипотези водат кон едни пошироки простори на „алтернативната“ историја и веднаш стануваат премногу комплицирани.

За крај, факт е дека Југославија потпишала пакт со Хитлер, но исто така е факт дека слоганот „Подобро војна, отколку пакт! Подобро гроб, отколку роб“ има своја конкретна вредност. Историјата на Втората светска војна воедно е историја на малите детали и ситуации кои го одредиле текот на војната, а овие простори и тоа како имаат голема улога во текот на најкрвавата војна во историјата на човештвото.