Унгарија не ја прифати „белата листа“ на ЕУ: Орбан ги пушта само Србите

Унгарија нема да ја почитува препораката на Европската унија за додавање на земји што не се членки на ЕУ на безбедната патна „бела листа“, со исклучок на Србија, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Унијата состави список на 14 земји што се сметаат за „безбедни“ за деловни или туристички патувања на тамошните граѓани во земјите-членки. Списокот беше одобрен со мнозинството од 27 членки.

14-те земји се: Алжир, Австралија, Канада, Грузија, Јапонија, Црна Гора, Мароко, Нов Зеланд, Руанда, Србија, Јужна Кореја, Тајланд, Тунис и Уругвај.

„Во моментов не можеме да го поддржиме решението на ЕУ … затоа што тоа би било спротивно на здравствените интереси на унгарскиот народ“, рече Виктор Орбан во видеото објавено на неговиот профил на Фејсбук.

Во Србија, единствениот сосед на Унгарија на југ надвор од ЕУ, живее значително унгарско малцинство.

Италија, една од најпогодените земји од „Ковид-19“ во светот, исто така објави дека не ја прифаќа „белата листа“ и ќе одржува рестрикции со карантин за државјани од сите земји што не се во Шенген.

За луѓето што ја преминуваат Унгарија кон други земји, Будимпешта ќе го врати „хуманитарниот коридор“ што оперираше во екот на првиот бран на епидемијата во Европа, рече унгарскиот премиер.

„Секој што патува низ Унгарија треба да го користи овој коридор. Нему ќе му биде дозволено да го напушти овој коридор и ние ќе одржуваме строги гранични контроли“, рече Орбан.

До вчера Унгарија објави 4.157 случаи на позитивни на коронавирус и 586 смртни случаи.