Колумна: Факултетска диплома наспроти партиска книшка

Жално, но во оваа наша држава наместо квалитетните кадри да излезат на површина, просечноста, неквалитетот и некомпетентноста од петни жили се обидуваат и успеваат да опстојат на врвот
Постои една држава во која не се вреднува факултетската диплома, туку партиската книшка. Држава во која се зголемува бројот на издадени дипломи, а се намалува стапката на писменост. Или, како што умееше да каже познатиот американски стендап-комичар Џорџ Карлин:„Имаме повеќе дипломи, но помалку разум, повеќе знаење, а помалку расудување, повеќе експерти, а уште повеќе проблеми“.

Во 2010 година учествував во кампањата на ФОН Универзитет – „И во Македонија се може“. Ги поминав сите нивоа на тестирање и врз основа на покажаните резултати ми беше одобрена целосна стипендија за студирање на Универзитетот.

Во текот на студирањето на Факултетот за правни науки постигнав успех од 10,00. Магистрирав во 2015 година на Факултетот за правни науки, прв во мојата генерација. Во 2016 година, на Факултетот за детективи и безбедност ја одбранив мојата втора магистерска работа, постигнувајќи успех од 10,00 и се стекнав со звање магистер на безбедносни науки. Во 2017 година положив и Правосуден испит.
Моја пасија претставуваат правото, правната професија, криминалистичките и безбедносните науки, како и истражувањето и пишувањето. Автор сум на триесетина рецензирани научни и стручни трудови од областа на казненото право, криминологијата и безбедноста, публикувани во земјата и надвор од неа. Учесник сум на десетина научни и стручни конференции од областа на правните и безбедносните науки. Добитник сум на повеќе од 70 дипломи, сертификати и признанија, доделени од страна на државни и невладини организации од земјава и од странство. Автор сум на три книги, публикувани во електронска форма.

Бев практикант и волонтер во неколку основни судови, Минисерството за внатрешни работи, како и во адвокатски канцеларии. При процесот на барање работа наидувам на препреки, неправди и разочарувања на секој чекор, но не се откажувам. Свесен сум дека во нашата држава барањето работа е пеколен период, но верувам дека индивидуалниот квалитет во одреден временски момент мора да дојде до израз.
Во дел од компаниите од приватниот сектор во нашата држава уште при самото аплицирање ми беше соопштувано дека огласот е објавен „чисто формално“ и дека се работи за трансформација на работен однос од определено на неопределено време. Најголемиот дел од компаниите, како и голем дел од адвокатите, нотарите и извршителите воопшто не одговараат на вашите мејлови, ниту ве повикуваат на интервју. Почитување на постапката за вработување, предвидена во Законот за работни односи, за нив најверојатно претставува научна фантастика.

Ситуацијата е „далеку поразлична“ во државниот сектор. Откако ќе ги соберете сите потребни документи, ќе се изложите на големи трошоци (за наши услови на живеење), ќе ве повикуваат на тестирања и интервјуа, но истите се pro forma. Кандидатите се веќе одбрани, најголем дел се и вработени во институцијата, а заради озаконување на постапката за добивање на решение (најчесто за на неопределено време), институцијата е принудена да објави јавен оглас. Изборот на кандидатот/кандидатката кој/а ќе биде вработен/а е добро познат. За да се спречи компетентен кандидат да биде вработен, не се ретки случаите кога јавниот оглас бил поништуван по барање на институцијата што го објавила огласот.

Високиот просек од факултет, стекнатите дипломи, познавањето странски јазици и работа со компјутери, но и стекнатите државни и меѓународни сертификати и признанија, очигледно ве прават преквалификуван за најголемиот дел од институциите и компаниите. Во најмала рака им дава алиби за да ве елиминираат од постапката за вработување.

Жално, но во оваа наша држава наместо квалитетните кадри да излезат на површина, просечноста, неквалитетот и некомпетентноста од петни жили се обидуваат и успеваат да опстојат на врвот.

Повеќе од очигледно е дека во Македонија листата на кандидати кои ќе се вработат (без оглед на нивните квалитети) се прави во штабовите на партиите! А потоа истите тие партии, кога се на власт ги негираат партиските вработувања, а кога се во опозиција обвинуваат за истите!
Сето ова придонесува најголем дел од граѓаните да ја изгубат довербата во институциите на системот. Сраснатоста на владејачките партии со државата, односно (зло)употребата на државните институции и апарати за партиски активности и промоции е, за жал, редовна практика во многу држави кои се наоѓаат на патот кој води кон изградување на вистинска демократија и правна држава. Македонија, не е исклучок.
Сè додека политичките партии служат како регрутни центри за вработување во јавните и државни институции, младите ќе ја напуштаат Македонија. Сè помасовно и помасовно.

Автор: М-р Илија Јованов