Чернобил тлее во ОХИС – 14-тонска цистерна со опасна хемикалија може да го збрише Скопје

Вчера, на новинарските екипи им беше овозможено да влезат во кругот на поранешниот хемиски гигант АД ОХИС, во стечај, кој во себе крие опасна хемикалија, складирана во 14-тонска цистерна, која е 24 часа физички обезбедувана. Станува збор за високотоксичниот винил хлорид со чие вдишување на лице место ги усмртува сите живи суштества.

Триесет години од независноста на Македонија не е најдено чаре за ОХИС, кој е темпирана бомба во градот. Заградено со висока ограда, јавноста многу малку знае во каква состојба се наоѓаат објектите и погоните во кои порано се произведувало. Она што новинарските екипи го видоа не може да се опише со зборови, освен да се каже дека во живо се гледа хорор филм

Кога ја гледате серијата „Чернобил“, посветена на хаваријата во нуклеарната електрана во 1986 година, која е една од најголемите катастрофи во историјата предизвикана од човекот, како и за направените жртви за да се спаси Европа од незамислива катастрофа, не можете да замислите дека во срцето на Скопје со години постои темпирана бомба, која во погоден момент може да експлодира и да предизвика несогледливи последици за целиот жив свет во Скопската котлина.

Денеска на новинарските екипи им беше овозможено да влезат во кругот на поранешниот хемиски гигант АД ОХИС во стечај, кој во себе крие опасна хемикалија складирана во 14-тонска цистерна, која е 24 часа физички обезбедувана. Станува збор за високотоксичниот винил хлорид со чие вдишување на лице место ги усмртува сите живи суштества.

Оваа темпирана бомба ни ја покажа Владимир Момировски, управителот на фирмата „Еко Центар 97“, на која доверителите на АД ОХИС во стечај и ја довериле задачата да ги исчисти сите опасни хемикалии складирани во дворот на фабриката. А станува збор за тони и тони со вкупно 11 хемикалии настанати од производствениот процес на фабриката, создавани во годините кога работеше со полн капацитет.

– Сите зборат за канцерогениот линдан што е складиран, на две депонии во дворот на ОХИС. Но, линданот е мачкина кашлица во споредба со цистерната со винил хлоридот според токсичноста. Во случај, не дај Боже на хаварија на цистерната, последиците се несогледливи. Никој не знае колкава количина од оваа хемикалија и во каква состојба е (гасна, течна или во вид на паста). Кога ќе се изврши преточување во друг сад, тогаш ќе дознаеме, по што ќе следи негово складирање и извоз, најверојатно во Швајцарија – истакна Момировски.

Винил хлоридот мора да се држи на температура под 20 степени Целзиусови бидејќи е високо запалив.

– Веќе 4-5 месеци бараме специјализирана компанија од Европа да дојде. Досега беше лето и никој не сакаше ниту да разговара, а камоли да направи увид поради високите температури. Контактиравме со две компании. Јавноста навреме ќе ја информираме кога ќе почне отстранувањето на винил хлоридот и очекувам постапката да ја завршиме во наредните 6 до 7 месеци – нагласи Момировски, кој потенцира дека винил хлоридот во Европа е исчистен веќе 30 години, а за негово согорување постојат само две печки на стариот континент.

Единаесетте хемикалии, за чие отстранување е задолжена фирмата „Еко Центар 97“, се распоредени на неколку локации на растојанија од 1,5 километри една од друга. Опасниот хлор веќе е отстранет од дворот на ОХИС и продаден, а останатите девет хемикалии се спакувани во буриња, се чуваат во магацини на пониска температура и за нив се чека да заминат за извоз.

Во петокот истекла вода со отровниот метил

При едно такво препакување од повеќетонски цистерни со метил акрилат мономер во буриња во петокот дојде до излевање на течност која жителите во околината на ОХИС ја почувствуваа како печење на очите и гребење на грлото. Тоа го запали алармот кај скопјани и кај надлежните да се истражи дали дошло до контаминирање на воздухот и на почвата и во колкава мера.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, вчера,  изјави дека сите мерки се преземени и сите институции се вклучени за да откријат што се случи во петокот во „ОХИС“.

– Инспекторите го пишуваат извештајот и сега ги чекаме анализите од лабораторијата за да видиме дали има преостанат ризик. Нема место за паника. Нема загадување на воздухот – изјави Нуредини по брифингот се медиумите.

Тој уверува дека нема место за паника и ситуацијата е под контрола.

Државниот инспектор за животна средина Пејо Кировски, кој бил на терен за овој случај, изјави дека се работи за излевање на течност при перење на цистерна која порано содржела метил акрилат мономер.

– При испирањето со вода дошло до протечување на вентилот и течноста е пролеана во танкваната или бетонската када, која служи во случај на инцидент да не дојде до излевање на површината на почвата и да не дојде до загадување на земјата и водата. Како резултат на тоа, од наша страна е дадено задолжение веднаш да се собере таа течност од танкваната, бидејќи се ширеше една миризба која малку ги вознемири граѓаните. Но, вечерта околу 20:30 часот тоа сè беше завршено. Препокриена беше кадата со струготини од дрво, пилевина. Тие струготини наредниот ден, на 9 ноември, беа собрани и кадата беше дезинфецирана со варова вода – изјави Кировски.

Тој информира дека на 9 ноември бил направен контролен инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за животна средина.

Одговарајќи на новинарско прашање колкаво количество било ослободено во воздухот, тој рече дека од страна на единица на АРМ било извршено испитување и сè уште ги немаме добиено резултатите во Државнииот инспекторат за животна средина.

– Кога ќе ги добиеме ќе кажеме какви се концентрациите – рече Кировски.

Ана Каранфилова-Мазневска, раководител на Сектор за управување со отпад од Министерството за животна средина, изјави дека се работи за имот кој не му припаѓа на ресорното Министерство за животна средина, а доверителите распишуваат тендер и одлучуваат.

– Ние учествувавме само во еден дел, кога не консултираа на кој начин треба да се избере компанијата, односно кои се критериумите кои треба да ги задоволи компанија која може да се јави на тој тендер. Немавме никаква одговорност како Министерство за животна средина и просторно планирање во целата постапка –  рече Каранфилова-Мазневска.

Тие, како што појасни, ги дале насоките на кој начин теба да се избере компанијата, во смисла кои критериуми треба да ги исполнува генерално за да може да се јави на повик, но директно не учествувале во изборот на компанијата.

– Понатаму постапката, по изборот на компанијата, таа се обраќа до нас. Се изготви елаборат за оценка на влијанието врз животната средина, се издаде решение во кое се пропишани сите мерки и активности кои задолжително треба да се преземат од страна на правното лице, кое е избрано да ја врши таа постапка. И тука е улогата на Министерството и на Државниот инспекторат за животна средина за да врши редовни контроли во инсталацијата, рече Каранфилова-Мазневска.

Во зависност од типот на дејноста што сакаат да ја вршат правните субјекти, тие се обрќаат до општините, Град Скопје или МЖСПП. Таа информира дека до нив се стигнати неколку барања за издавање одредени дозволи или елаборати за оценка на влијание врз животната средина за одредени компании кои во иднина би сакале да работат во кругот на „ОХИС“.

Хорор среде Скопје

Триесет години од независноста на Македонија не е најдено чаре за ОХИС, кое е темпирана бомба во градот. Заградено со висока ограда, јавноста многу малку знае во каква состојба се наоѓаат објектите и погоните во кои порано се произведувало. Она што новинарските екипи го видоа не може да се опише со зборови, освен да се каже дека во живо се гледа хорор филм.

Бетонските патеки по кои некогаш поминувале камионите полни со производи, сега се руинирани и со дупки. Околу нив вистински депонии од разноразни кабли, искористени пластични шишиња на кои стои знакот со мртовечка глава за предупредување за опасност, градежен шут, стари и гнили прагови од железничката пруга која некогаш постоела. Од некои од хидрантите истекуваше вода, па ние новинарите се пошегувавме кој ќе биде јунакот кој ќе се осмели да се напие од водата. Дворот е насекаде обраснат со грмушки и со сува трева која е потенцијална опасност во секој момент да се запали. Објектите во кои некогаш работеле илјадници работници сега се само како престојувалиште на духови.

Во таква хорор средина до пред еден месец работел и еден погон. Ни кажаа дека во една од халите бил сместен погон за изработка на чевли наменети за италијанскиот пазар. Во него парче леб ваделе 50 до 60 жени. Погонот е на само два–три метри од ѕидот на големата депонија во која е складиран канцерогениот линдан.

– Погонот го дислоцираа пред еден месец. Ги гледав жените како овде на пауза пиеја кафе потпрени на ѕидот на депонијата со линдан. Што да ви кажам. Ова што ви го покажав е само 30 проценти од она што може да се види во кругот на ОХИС – вели Момировски.

Тој ни откри дека големата депонија со линдан, која е на само сто метри од многу прометниот булевар „Борис Трајковски“ е голем загадувач на почвата и на подземните води.

– Линданот во прав и течност на големата депонија практично бил истуран на земја. Тоа не е случај со малата депонија за која има изградено бетонско дно и таа не ги пропушта отровите во земјата – вели Момировски.

Инаку, меѓународниот тендер за избор на технологија за отстранување на линданот и неговите изомери од малата депонија е продолжен од УНИДО до 16 декември. Тендерот за чистење на малата депонија беше објавен на 15 октомври, а требаше да биде затворен на 11 ноември.

Loading...