Шекеринска: Веќе сме во НАТО, Грција ќе го штити македонското небо

Вицепремиерката Радмила Шекеринска објави дека Министерството за одбрана на Македонија и  Министерството за национална одбрана на Грција денеска во Атина го потпишаа Технички аранжман за надзор на воздушниот простор.

„Ние сме веќе НАТО: денеска во Атина со Министерството за национална одбрана на Грција го потпишавме Техничкиот аранжман за надзор на нашиот воздушен простор. Заштитата на небото е ексклузивно право само на земјите членки на НАТО. Одбројуваме до полноправно членство!“, објави министерката за одбрана.

Аранжманот го потпишаа началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски и началникот на одбраната, генералот Христос Кристодулу и истиот претставува официјализирање на мисијата „Air– policing”, а ќе се реализира во координација со НАТО.

Претходно, Договор за соработка во одбраната беше потпишан од страна на министрите за одбрана, Радмила Шекеринска и Евангелос Апостолакис, за време на посетата во април годинава на високата владина делегација на Грција на нашата држава.

Инаку, во месец мај со два прелети во воздушниот простор на Република Северна Македонија од страна на воздухоплови Ф-16 на грчката армија, се изврши првиот пробен прелет за потребите на НАТО мисијата „Air-policing “, со цел проверка на комуникациите и радарската покриеност на нашиот воздухопловен простор.